На Универзитетот „Гоце Делчев“ започнува второто издание на проектот „УГД – Чекор кон светот“, во кој се вклучени актуелните студенти на Катедрата за современ танц при Филмската академија.
Овој проект се одвива под менторство на д-р Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија и доцент м-р Адријана Данчевска, во соработка со асистентите м-р Анастасија Данчевска и Дејан Битровски. Универзитетот „Гоце Делчев“ постојано вложува во развојот на студентите, нивното комплетно оформување како уметници, со цел полесно интегрирање во професионалните уметнички сцени по завршување на студиите.
Во рамките на Интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кој го има своето 20. јубилејно издание, вечерва (13 мај) во 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се изведе претстава со три кореографии, „Болеро“ на Адријана Данчевска, „Квартет“ на Дејан Битровски и „Котел“ на Рисима Рисимкин во која ќе настапат студентите од прва, втора и трета година на Катедрата за современ танц при УГД.
„Болеро“ во кореографија и режија на Адријана Данчевска-Ровчанин, на музика на Морис Равел, за која сценографијата ја осмислија Ивана Мојсовска и Матеа Мијановиќ, а настапуваат Елена Терзиева, Теона Ѓуровска, Михаела Колцунова, Надја Луканивска, Ивона Маневска, Миа Петровиќ, Марија Андовска, Елена Стојкоска.
Следува дипломската кореографија за студентите од трета година, под наслов „Квартет“ во кореографија и режија на Дејан Битровски, а во која настапуваат дипломците Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова и Микаела-Анџела Глигорова. Студентите во трета година на Катедрата за современ танц при УГД, во ноември 2023 година престојуваа на престижната Ротердамска академија за современ танц при Универзитетот КОДАРТС во Холандија, каде што четири недели посетуваа настава и имаа можност да го усовршуваат своето знаење.
Вечерта завршува со „Котел“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, костими на Благој Мицевски, асистент на кореографот е м-р Анастасија Данчевска, а настапуваат: Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела Анџела Глигорова, Илина Костовска, Теона Ѓуровска, Миа Петровиќ, Елена Стојковска, Михаела Колцункова, Сара Крковиќ и Марија Андеовска.
Проектот „УГД – Чекор кон светот“ им овозможува на студентите интеграција во професионални продукции и настапи на современата танцова сцена во Македонија и во странство. Преку овој проект тие ќе бидат дел од проектот „Moving Balkans“, кој е балканска платформа за современ танц и во кој учествуваат 11 партнери од поширокиот регион, а на почетокот на јуни ќе настапат на Интернационалниот фестивал „Share“ во Братислава (Словачка), заедно со 11 други танцови академии и универзитети од Европа. Преку овој проект студентите работат со повеќе странски професори: професор д-р Роуз Брус од Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц (Австрија), професорката од Кралскиот универзитет во Хаг, Џоан ван дер Маст и Џорџија Д'Амико од Швајцарија/Италија.